Тетово денеска е под целосна опсада, специјалните полициски сили се распоредени на секој влез и излез од градот, а контролни пунктови се поставени и на наплатните станици. Специјалци патролираат низ улиците, додека трае интензивната потера по вооружениот убиец за кого постои сомнеж дека е на возраст меѓу 30 и 40 години.
Инцидентот се случи денес (10.08.2025) околу 12:30 часот, кога на крстосницата меѓу улиците „Илинденска“ и „Благоја Тоска“ во Тетово избувна вооружена пресметка помеѓу лица од две возила. Пукотницата предизвика и сообраќајна несреќа, а напаѓачите веднаш побегнаа, едното возило замина кон улица „113“, додека другото исчезна во непознат правец.
Сведоци на настанот пријавиле дека станува збор за „Форд Фиеста“ со тетовски регистарски таблички, кои при проверка се покажало дека се одјавени и во сопственост на 19-годишен жител на селото Гајре. Неколку улици подоцна, на крстосница меѓу „Благоја Тоска“ и „107“, полицијата пронашла „Фолксваген Голф“ со тетовски таблички, сопственост на 46-годишен тетовец. Во возилото било откриено едно убиено лице, со повеќе прострелни рани.
Во престрелката има и четворица повредени: малолетно девојче од Тетово, двајца мажи на возраст од 34 и 46 години и 60-годишен пешак кој случајно поминувал покрај местото. Детето е задржано во тетовската болница на опсервација, додека останатите тројца со тешки повреди се пренесени на скопските клиники.
На лице место работи увидна екипа од СВР Тетово, предводени од дежурен јавен обвинител. Сите улици околу локациите на престрелката се блокирани, а вооружени полициски патроли ги проверуваат возилата и документите на секој што влегува или излегува од градот. Потрагата по сторителот продолжува со целосна мобилизација на силите на МВР.
