Што правеа штипјани додека навивачи на Шкупи им ги тепаа децата ?

 Натпреварот меѓу младинските екипи на ФК „Брегалница“ и ФК „Шкупи“ во Штип заврши со скандал каков што одамна не се памети. Додека двајца 15-годишни фудбалери од Штип паѓале на тревата под удари на родител и дел од навивачите на гостинската екипа, штипската публика останала – нем набљудувач.

Наместо да реагираат и да ги заштитат децата, присутните од Штип, според очевидци, само гледале како насилството се одвива пред нивните очи. Родителот од Скопје, идентификуван како А.А. (43), буквално упаднал на теренот и физички нападнал двајца малолетници, нанесувајќи им сериозни повреди и скршеници. Малолетниците завршиле во Клиничка болница Штип, а напаѓачот бил уапсен од полицијата.

Се поставува логичното прашање: каде беа Штипјани додека нивните деца беа тепани? Зошто наместо да ги одбранат, стоеле на трибините и чекале полицијата да интервенира? Дали стравот, рамнодушноста или некој „спортски кодекс“ ги спречил да застанат во одбрана на сопствените деца?

ФК Шкупи се дистанцираше од инцидентот, ФФМ најави дисциплинска постапка, а ФК Брегалница официјално го осуди насилството. Но, прашањето кое останува отворено е: зошто токму во градот каде што се случи нападот, луѓето избраа да молчат?

Еден дел од јавноста го смета ова за срам за Штип, наместо колективна реакција и заштита на младите спортисти, градот го остави товарот на полицијата.

Ако спортот треба да биде поле за фер-плеј и воспитување, тогаш овој натпревар во Штип остана запаметен како пример за нешто што никако не смее да се повтори.