Поранешниот пратеник и истакнат член на партијата Нова демократија, Апостолос Везиропулос, почина на 59 години поради срцев удар додека престојувал на плажа во Ситонија, Халкидики. За трагичната вест информираше грчката телевизија „Скај“.
Според пишувањата на грчките медиуми, инцидентот се случил вчера попладне на плажата Калогрија. Везиропулос, кој беше поранешен заменик-министер за финансии и во моментот ја извршуваше функцијата секретар на пратеничката група на Нова демократија, почувствувал здравствени проблеми додека престојувал во еден од баровите на плажата.
На лице место интервенирала итната медицинска служба, која го пренела во Здравствениот дом „Агиос Николаос“. И покрај обидите на лекарите и спасувачите да го реанимираат, неговата состојба останала критична. Подоцна бил префрлен во болницата „Папагеоргиу“ во Солун, каде што била потврдена неговата смрт.
Апостолос Везиропулос е роден на 29 мај 1966 година. По објавувањето на трагичната вест, сочувство до неговото семејство и блиските изразија европратеникот од ПАСОК, Никос Папандреу, како и портпаролот на СИРИЗА, Костас Захаријадес.
