Во Кавадарци е убиен 43 годишниот Панче: Наскоро ќе станел татко, бремената партнерка однесена во болница кога ја слушнала веста
Утрото Кавадарци го потресе веста за убиство на 43-годишниот Панче Т., кој бил нападнат пред казино во градот.
Инцидентот се случил денеска околу 4:56 часот, кога во ОВР Кавадарци било пријавено дека на задниот влез од казиното на улицата „Никола Минчев“ група лица физички нападнале човек кој паднал на земја и имал потреба од медицинска помош. И покрај брзата интервенција на Итната медицинска служба, кај жртвата во 5:15 часот била констатирана смрт.
Според информациите од СВР Велес, поради сомнеж за вмешаност во нападот приведени се тројца кавадарчани: Д.Б. (26), М.Ѓ. (35) и Д.С. (27). Тие се задржани во полициска станица, а увид на местото на настанот вршат јавен обвинител и полициски екипи, кои ги прегледуваат снимките од безбедносните камери во казиното.
Случајот ја отвори повторно темата за последиците од коцкањето врз граѓаните. Вознемирени жители за „Викимедиа“ изјавија дека ова е уште еден трагичен пример за тоа како комарот носи несреќа и уништува човечки животи.
„Не е загубен само животот на Панче, кој очекувал и второ дете, туку трагедијата се проширува и врз неговото семејство, а истовремено уништени се и животите на младите луѓе кои учествувале во нападот. Се срушени и нивните фамилии. А казината и натаму никнуваат во секој град, со сите последици кои ги носат,“ велат жители на Кавадарци.
Од СВР Велес информираат дека истрагата продолжува, а по целосно документирање на случајот против осомничените ќе биде поднесена кривична пријава.
