„Дефинитивно, беше Божјо дело“: 29 години од неразјаснетата мистериозна трагедија која ја снајде Македонија на Голема Богородица
Во 1996 година, на празникот Успение на Света Богородица во манастирот кај Берово, силно невреме со громови ја претвори прославата во трагедија. Пред илјадници верници, удар на гром погоди во дворот на манастирот и однесе девет животи, а околу педесетмина беа повредени.
Иако поминаа речиси три децении, настанот останува мистерија. Некои го толкуваа како божја казна, други како природна несреќа или случајност. Постоеја и сомнежи дека поместувањето на денот на празникот и мрсната трпеза биле причина за „лутина од небото“.
Очевидци раскажуваат за кошмарна слика, мирно небо, потоа гром, пламен од оревот и казаните, луѓе кои трчаат и плачат, некои се обидуваат да спасат повредени, други остануваат неми и збунети. Еден сведок дури тврди дека и денес дел од преживеаните секоја година на 28 август добиваат црвенило на градите во форма на орев.
И покрај трагедијата, Малешевијата ја продолжува традицијата, секоја година на истиот ден повторно се собираат илјадници верници пред манастирот, каде во стотина казани се подготвува ручек за сите гости.
