Иран ја започна својата најавена одмазда против Израел, потврди државната новинска агенција ИРНА. Според извештаите, иранските сили истрелале стотици балистички ракети кон територијата на Израел, што властите во Техеран го нарекоа почеток на нивната „силна и разорна реакција“ на неодамнешните израелски напади.
„Операцијата за решителен одговор на бруталниот напад на ционистичкиот режим започна со лансирање на стотици балистички ракети кон окупираните територии“, објави ИРНА.
Израелскиот весник Хаарец пренесе дека во целата земја се активираат сирени за воздушен напад, а армијата ги повика граѓаните итно да се засолнат. Повеќе од 100 ракети биле испалени од иранска територија.
Главниот дописник на британскиот Гардијан за Блискиот Исток, Ема Греам-Харисон, јави од Тел Авив дека се слушаат бројни експлозии, за кои се верува дека се резултат на системите за пресретнување ракети. Во меѓувреме, Си-ен-ен извести дека и во Ерусалим се слушнале силни детонации.
Големи количини чад се издигнуваат над Тел Авив, обвивајќи ги облакодерите во центарот на градот. Видливоста е значително намалена, а причините – дали се работи за директни удари или за последици од пресретнување ракети – засега не се потврдени.