Охридската полиција на 1 април привела лице со иницијали А.И. од Охрид, откако добила пријава за наводно извршено кривично дело „противправно лишување од слобода“.
Според подносителот на пријавата, кој е во роднинска врска со осомничениот, инцидентот се случил на 31 март околу 21 часот. А.И. пристигнал во домот на пријавителот, вооружен со пиштол, и со закани и физичка сила го принудувал да му препише патничко возило и да му обезбеди работно место во неговата фирма. За време на настанот, А.И. наводно консумирал бела прашкаста супстанца.

Пријавителот, ветувајќи дека ќе ги исполни барањата, успеал да го изведе А.И. од својот дом и во моментот кога заедно се движеле кон фирмата, успеал да побегне и случајот веднаш го пријавил во полиција.
По преземените мерки, полицијата го привела А.И. и извршила претрес во неговиот стан и други простории што ги користи. При претресот биле пронајдени пиштол, кеси со семки и остатоци од канабис, дробилка, предмети со остатоци од бела прашкаста супстанца и други докази.
Од СВР Охрид информираат дека по целосно расчистување на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.
