Тепаната жена од видеото на „Тикток“ не сака да го гони насилникот од Радовиш, а без тоа тој не може да сносни одговорност - изјавија од МВР

 Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека полицијата во Струмица ги презела сите потребни мерки во врска со видео записот што се појави на социјалните мрежи, на кој се гледа како маж извршува насилство врз жена. Осомничениот е приведен и задржан од страна на надлежните служби.

Според информациите, случајот бил пријавен во СВР Струмица на 23 март 2025 година (недела) во 08:25 часот од страна на мајката на жртвата. Веднаш по пријавата, полициските службеници од ОВР Радовиш реагирале и спровеле потребни истражни активности. Утврдено е дека осомничениот е 35-годишниот А.А. од Радовиш, кој истиот ден во 09:20 часот бил приведен и задржан во Полициската станица во Радовиш.

Дополнително, со нападнатата жена бил извршен службен разговор во присуство на социјален работник од Јавната установа Меѓуопштински центар за социјални работи Радовиш. Таа изјавила дека видеото потекнува од јули 2024 година.

Случајот се третира како кривично дело „телесна повреда“ според член 130, став 2 во врска со став 1 од Кривичниот закон. Според став 5 од истиот член, за гонење е потребно поднесување на предлог од жртвата. Жената изјавила дека не сака да поднесе таков предлог и дека видеото било споделено од нејзината мајка.

За настанот бил информиран јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Радовиш, кој дал насоки за понатамошни мерки. Како резултат на тоа, на 25 март 2025 година, ОВР Радовиш поднела кривична пријава против А.А. поради основано сомнение за сторено кривично дело „телесна повреда“. Истражните постапки продолжуваат со цел целосно расветлување на случајот.