Под слоганот „Најдоброто допрва доаѓа”, градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски даде отчет за сработеното во изминатите три години. Тој истакна дека се реализирани 95% од програмата, како и дополнителни проекти што се појавиле како потреба при комуникација со жителите.
Во инфраструктурата, реконструирани се 59 км улици, изградени се 11 км фекална канализација, 5,5 км атмосферска канализација и 3,6 км нов водовод. За капиталниот проект за водовод и канализација во населбата Стаклара Каменик, издвоени се 600.000 евра.
Во областа на образованието, реализирана е дигитализација, опремени се сензорни соби и пречистувачи за сите училишта, воведени се бесплатни униформи, ужини и дополнителни часови за децата од социјално загрозени семејства. Најавена е и изградба на нов објект за ООУ „Св. Климент Охридски” во Драчево.
Меѓу капиталните проекти се изградбата на два нови пазари, отворањето на кино и библиотека, како и дигитализацијата на општинските услуги, со што Кисела Вода стана првата целосно дигитализирана општина на Балканот. Споменат е и проектот „Кисела Вода – адреса за заеднички дом”, кој ги ослободува младите брачни парови од комунални такси.
Градоначалникот најави целосна реконструкција на спортската сала „Расадник”, со надеж дека ракометниот клуб Вардар ќе се врати таму, и се заблагодари на граѓаните за поддршката, порачувајќи дека најдобрите денови допрва доаѓаат.
