Груевски и Мијалков го губат богатството! Имот вреден 29 милиони евра оди на продажба

  Агенцијата за управување со одземен имот најавува дека наскоро ќе биде ставен на продажба имотот одземен од поранешниот премиер Никола Груевски и екс-директорот на УБК, Сашо Мијалков. Вредноста на овој имот се проценува на околу 29 милиони евра.

На продажба ќе бидат понудени станови, апартмани, гаражи, деловни простори и градежно земјиште. Овие недвижности им беа одземени на Груевски и Мијалков како дел од неколку судски постапки против нив. Меѓу имотите што ќе бидат продадени се станови на улицата „Бихаќка“, апартмани во „Панорама резиденс“, станови во Охрид, како и плацеви на Водно и Центар.

Во случајот „Империја“, Мијалков склучи спогодба со обвинителството, при што доби тригодишна затворска казна, а беше одземен имот во вредност од околу 30 милиони евра. Почетната цена на недвижностите што останаа непродадени е 21 милион евра.

Во претходната продажба на одземениот имот, три станови и една гаража на Водно беа купени за околу 300.000 евра од компанијата „Бест веј инвестментс“, во сопственост на неговиот син Јордан Мијалков.