Фарук на државата и должи 140.000 евра- Јас си возам без возачка а тие упорно ме казнуваат !

 Секој возач е должен да биде свесен за одговорноста што ја носи управувањето со моторно возило, но и за последиците доколку ги прекрши сообраќајните прописи. Во Босна и Херцеговина, еден случај со години го привлекува вниманието на јавноста.

Фарук Јазвин од Сараево е апсолутен рекордер по бројот на неплатени сообраќајни казни во земјата. Тој на државата ѝ должи околу 280.000 конвертибилни марки, односно околу 143.000 евра, сума која од година во година постојано расте.

Реклама

Јазвин во јавноста е познат по тоа што вози без возачка дозвола веќе повеќе од две децении. Како што вели, сè започнало во 1998 година, кога научил да управува автомобил, но поради здравствени причини никогаш не успеал да добие возачка дозвола.

Тој објаснува дека има мускулна дистрофија и дека токму поради тоа не може да го помине задолжителниот лекарски преглед, иако, како што тврди, теоретските тестови ги знае напамет.

„Немам други прекршоци освен што немам возачка дозвола и возам нерегистриран автомобил. Автомобилот ми е неопходен за секојдневно функционирање“, изјави Јазвин, додавајќи дека неговата продавница се наоѓа на само 500 метри, но пешачењето му претставува сериозен проблем поради здравствената состојба.

Тој посочува дека неговата сопруга има сериозни здравствени проблеми, поради што честопати немаат друг избор освен да користат автомобил или да зависат од помош од други лица, што не секогаш е финансиски возможно.

Јазвин апелира до надлежните институции да му овозможат фер шанса да ги положи испитите и да добие лекарско уверение, нагласувајќи дека никогаш не сакал да користи нелегални решенија.

„Имав понуди за фалсификување документи, но одбив. Сакам сè да биде чисто и законски“, вели тој.

И покрај сè, Јазвин истакнува дека нема замерки кон полицијата и дека службениците професионално си ја вршат работата. Во меѓувреме, полицијата побарала дозвола од Министерството за внатрешни работи на Сараевската жупанија за одземање на неговото возило, но општинскиот суд сè уште нема донесено конечна одлука.