ОТКРИЕНА ПРИЧИНАТА ЗА СМРТТА: Мајка, татко и дете се најдени мртви во соба во луксузен хотел додека биле на одмор
Тројца членови на едно семејство мајка, татко и нивниот петгодишен син беа пронајдени мртви во хотелска соба на туристичкиот остров Сан Андрес во Колумбија, само кратко откако побарале од персоналот да ги преместат поради непријатна миризба.
Според локалните медиуми, телата на Тито Мартинез и неговиот син Кевин биле пронајдени на креветот, а сопругата Вивијана Канро лежела на подот во собата на хотелот „Портобело“.

Телата ги открил нејзиниот татко Орландо, кој за медиумите изјавил дека уште од првата ноќ неговата ќерка се пожалила на неподнослива миризба во собата и побарала да бидат преместени, но барањето било одбиено.
„Разговарав со менаџментот, но ми рекоа дека нема никаков проблем. Следниот ден таа повторно инсистираше, а потоа се случи најлошото“, изјави Орландо.
По неуспешни обиди да стапи во контакт со семејството, Орландо со сопругата побарал помош од рецепцијата. Прво биле одбиени, но по инсистирање добиле пристап до собата. Таму ја затекнале ужасната сцена.
„Бев првиот што влезе. Мојата ќерка лежеше на подот, а мојот зет и внук беа на креветот. Тоа е слика што никогаш нема да ја избришам од мојата глава“, изјави скршениот дедо.
Првичниот извештај од форензичките служби покажал дека тројцата починале од труење. Според изјавата на полковник Џејмс Тотена од полицијата на Сан Андрес, засега нема индикации за насилна смрт или кривично дело.
„Или го вдишале или го консумирале отровот. Се чека целосниот обдукциски извештај за прецизна причина“, изјави Тотена за „Блу Радио“, додавајќи дека во собата биле консумирани и алкохолни пијалаци.
Едно од телата, како што открил Тотена, било пронајдено во близина на бањата со знаци на повраќање.
Орландо посочи дека неговата ќерка повеќе од една година штедела за да им организира патување во чест на Денот на мајката и Денот на таткото.
„Ова беше последниот излет на мојата ќерка. Ќе ги носиме засекогаш во нашите срца. Беа добри, мили, прекрасни...“, изјави низ солзи.
Хотелот „Портобело“ изрази сочувство и објави дека целосно соработува со властите:
„Од првиот момент сме во контакт со семејството, обезбедуваме поддршка и организираме помош. Длабоко сме потресени од трагедијата и остануваме посветени да бидеме на располагање за сè што е потребно“, се наведува во соопштението на хотелот.
